Обвинителот кој поддржа ослободителна пресуда за Мијалков побара да се укине „Талир 2“ – дали ќе се спаси „Белата палата“?

by fokus

Вишиот обвинител Јован Цветановски кој ја поддржа ослободителната пресуда за случајот „Тортура“ во којшто беше обвинет и ослободен поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков вчера пред Апелациониот суд побара да се укине првостепена пресуда за случајот „Талир2“ и предметот да се врати на повторно одлучување, како и да се земат предвид измените на Кривичниот законик.

Со ова барање, но и со измените на Кривичниот законик се отвори прашањето дали партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ познато во јавноста како „Белата палата“ ќе се спаси од конфискација иако првостепениот суд донесе решение за конфискација.

Првостепено осудени во овој случај беа поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски на шест години, односно на условна казна затвор.

Според адвокатот на обвинетите, Еленко Миланов кривичното дело за кое се гонат обвинетите веќе е застарено и конфискација не треба да се изврши.

-Јас мислам дека во конкретниот случај таква конфискација веќе не може да постои. Мислам дека не можеше никогаш да постои, но сега уште повеќе. Не знам оваа пресуда дали треба да се укине или едноставно примена на новиот КЗ да доведе до тоа да се констатира апсолутна застареност на гонење, изјави Миланов.

Сепак, дел од обвинителите кои беа вклучени во случаите што ги води поранешното Специјално јавно обвинителство, толкуваат дека можност за конфискација има дури и да застари делото и дека единствено не може да се конфискува ако обвинетите се ослободат од обвинение.

Според овие толкувања, ако делото застари има можност за конфискација затоа што е корист од кривично дело и ако прогонот застарел, не значи дека користа не е прибавена, но што ќе се случи зависи како ќе одлучи Апелациониот суд и што ќе се случува понатаму.

Инаку Цветановски, освен што се спротивстави на барањето на својот колега во случајот „Тортура“, Љубомир Лапе, кој поднесе жалба на првостепената пресуда, беше дел од тимот на обвинители кои се спасија од разрешување иако беше констатирано дека не постапиле по „крвавиот четврток“ што се случи на 27 април 2017 година.

Петчлена комисија во Јавното обвинителство констатираше дисциплински повреди за непостапувањето по настаните од 27 април и на тројцата обвинители, меѓу кои и на Цветановски им беше само намалена платата.

Обвинителите по „крвавиот четврток“ направиле увид на местото следниот ден, но дотогаш веќе биле изнесени компјутерските хард-дискови со снимките од законодавниот дом.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости