Обвинителот Бубевски: Избран сум за обвинител според ранг листа на Академијата за судии и јавни обвинители!

by fokus

Откако во јавноста се појави документ, од 2009 година од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Пехчево, а со кој наводно се препорачувало Гаврил Бубевски да биде избран за јавен обвинител во Скопје, со реакција се јави обвинителот на СЈО, Бубевски.

Тој за „Фокус“ појаснува дека бил избран за обвинител од Советот на јавни обвинители, како кандидат кој доаѓа од Академијата за судии и јавни обвинители.

-Реално, не мислев дека за ова ќе треба да давам некаков коментар, но имајќи предвид дека јавноста или дел од неа, е заинтригирана или заинтересирана за овој документ ќе го кажам она што јас го знам. Документот кој што е објавен го немам видено се до објавувањето, а од страна на новинар од Охрид пред отприлика еден месец телефонски бев информиран дека до неговата редакција преку поштата од Пехчево е испратен документ со таква содржина. На новинарот и тогаш му реков дека според мене штом го добил треба да го објави, меѓутоа истиот наведе дека не верува во документот и нема да го објави, и така заврши разговорот.

Јас не можам да кажам дали овој документ е лажен или не, видов дека датира од 2009 година и времето на сочинување одговара според времето на мојот избор на обвинител. Податоците во документот кои се однесуваат за мене лично се точни, иако јас сум по потекло од Берово, а според документот, сочинет е во општински комитет на ВМРО ДПМНЕ во Пехчево, и нема некоја логика во сето ова.

Меѓутоа, да конкретизирам, јас сум избран за јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Скопје од страна на Советот на јавни обвинители, како кандидат за обвинител кој доаѓа од Академијата за судии и јавни обвинители. Во Академијата постоеше ранг листа врз основа на успехот и бодовите добиени во текот на обуката и според таа ранг листа јас бев на место кое ми овозможуваше да бидам избран за обвинител на тој јавен оглас, бидејќи  изборот на обвинители преку академијата се вршеше врз основа на ранг листата, и тој принцип е запазен, како прилично објективен критериум.

Наједноставно кажано избран сум според редот на нештата и никому не сум земал место, ако е тоа прашањето. Ова се лесно проверливи факти и можеле да се проверат и во Академијата и преку мене лично, пред ова прашање со прилична доза на малициозност да се постави јавно преку фејсбук, до Катица, Фатиме или Ленче, кои не би можеле да одговорат во мое име.

И да не биде премногу сериозно, на крајот можам само да кажам дека чув дека постои иста таква препорака од ОК Македонска Каменица во време кога ме избраа за заменик претседател на совет на станари на зграда во Кисела Вода, каде што живеев. Можеби е добро и станарите да се прашаат за влијанието на таа препорака при изборот, иронично коментира обвинителот Бубевски.

Поврзани новости