Обвинителот Биковски не го внесувал во записник сведочењето на Лазаревски за нелегалното прислушување во УБК

by fokus

Кога Ѓорѓи Лазаревски отишол во МВР и пријавил дека во УБК се врши нелегално прислушување, набрзо тој завршил со лисици на рацете, како осомничен за случајот „Пуч”. Бил однесен кај обвинителот Златко Биковски кој му рекол да има доверба во него и дека тој ќе го расчисти случајот.

-Му кажав дека во УБК се врши нелегално прислушување. Исто така го известив дека копиите од разговорите ги уништив пред да одам во МВР и да пријава. Тогаш побарав на распитот да дојде и мојот адвокат, ангажиран од моето семејство, но обвинителот инсистираше да не го ангажирам адвокатот и ми понуди адвокат по службена должност, рече Лазаревски.

Неговото сведочење го прекина Владимир Туфегџиќ, кој го предупреди да не зборува за тоа, бидејќи била покрената постапка пред Советот за јавните обвинители.

-Не ви дозволувам такви прашања, му се обрати судијата на обвинителот.

Лазаревски продолжи да зворува, па кажа дека ги одбил и двајцата адвокати и избрал трет, Богољуб Софрониевски, кој како што рече бил и негов познаник и познаник на обвинителот Биковски.

-Во записникот на обвинителот не влегуваа работите за нелегалното прислушување, рече Лазаревски, и повторно беше прекинат од судијата Туфегџиќ, кој седум осум пати му повтори дека не смее да зборува за обвинителот на ова судење.

По дозвола на судијката Џенета Вегтовиќ, Лазаревски продолжи да зборува, па рече дека  клучно било кога обвинителот му рекол дека Звонко Костовски веќе направил спогодба и дека признал шпионажа.

-За мене беше јасно што се случува. Морам да го споменам и тенденциозното водење на постапката за Пуч од страна на судот. Пресудата беше по политичка нарачка, рече Лазаревски, по што повторно го прекина судијата, кој му рече политиката да ја тргне од судницата.

Судењето на Лазаревски продолжува по паузата.

В.В.

Поврзани новости