Обвинителот Бајрами: Не знам кој ми го запали автомобилот, ниту сум имал закани

by fokus

Обвинителот Џелал Бајрами, од републичкото јавно обвинителство, вели дека нема никакви сомнежи за тоа кој го запалил неговиот автомобил.

Како што веќе објавивме, синоќа во Куманово беше запалено неговото возило.

-Не се сомневам во некого, ниту сум имал некоја закана од некого. Очекувам многу бргу да се откријат сторителот или сторителите и да се изведат пред лицето на правдата, изјави Бајрами за ,,Фокус”.

Бајрами во 2016 година беше избран за обвинител во Републичкото јавно обвинителство. Тој претходно беше министер за труд и социјална политика и заменик-министер за внатрешни работи, од редовите на ДУИ.

Освен неговиот автомобил, синоќа беше запалено и возилото и продавницата на советникот во општина Куманово, Фитор Јакупи од ДУИ.

За двата настана се огласија и од Обвинителството.

-Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увиди на локациите каде беа опожарени два автомобили и една деловна просторија. Преземени се сите дејствија и се испитуваат причините и евентуалните мотиви за опожарувањето. Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење, а се врши увид и во снимки од камери за видео надзор, велат од Обвинителството.

Валентина Вурмо

Поврзани новости