Обвинителката Ивана Трајчева е новата шефица на Одделот за гонење на кривични дела сторени од лица со полициско овластување, кој е во рамките на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
До неодамна раководител на овој Оддел беше обвинителката Лиле Стефанова, но по нејзиниот избор за обвинител во републичкото обвинителство, на нејзиното место обвинителот Ислам Абази ја постави обвинителката Трајчева.
Раководната позиција на обвинителката следува два месеци откако Советот на јавните обвинители ја казни со намалена плата од 30 проценти во рок од шест месеци. Поточно, дисциплинската постапка против Трајчева и обвинителките Вилма Русковска и Елизабета Јосифовска следуваше за нивното постапувањето во случајот поврзан со претресот во Управата за финансиска полиција и тогашниот директор Арафат Муареми.
Она што е значајно е дека обвинителката Трајчева и понатаму ќе продолжи да постапува по предметите кои ги работи во моментот, по што се отстранува сомнежот дека можеби позадината е за да се тргне од предмети кои се однесуваат на сериозен криминал и корупција. Сепак во идниот период нема да добива нови предмети од оваа област. Трајчева работеше на неколку случаи познати во јавноста како ,,Рекет”, ,,Меѓународен сојуз”, ,,27 април”, ,,Софтвери”…
-Обвинителката ќе ги доврши предметите по кои постапува, ни одговорија од Обвинителството.
Ваква беше ситуацијата и со нејзината претходничка Стефанова, која остана надлежна за предметите кои потекнуваа од згаснатото СЈО.
Посебно одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), чија цел е гонење на кривичните дела сторени од лица со полициски овластувања (полицајци и затворски чувари), се отвори на 1 декември 2018 година. Постоењето на одделот произлезе од новиот Закон за јавното обвинителство.
Во одделението работат тројца обвинители. До нив доаѓаат кривични пријави од повеќе места – првенствено од МВР, но и од граѓани, фирми и други обвинителства.
Валентина Вурмо