Обвинителката Стефанова денеска треба да сведочи за „Рекет“

by fokus

Обвинителката Лиле Стефанова денеска треба да сведочи во Кривичниот суд, на рочиштето за случајот „Рекет“, во кој обвинети се поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева и Бојан Јовановски.

Минaтите две рочиште се одложија, бидејќи адвокатите на Боки 13, Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска, не се појавија во судница. Кадиев веќе подолго време е на болничко лекување, а на боледување е и неговата колешка Фрчковска.

Судијката Васка Николовска- Масевска посочи дека доколку адвокатите не се појават на денешното рочиште, Јанева ќе добие бранител по службена должност.

Стефанова ја води истрагата за случајот „Империја“, во кој еден од осомничените е бизнисменот Орце Камчев, кој пак го пријави случајот „Рекет“ како оштетен. Тој, наводно, според обвинението за „Рекет“, дал 1,5 милиони евра мито на Јовановски и Кичеец, за да запре кривичниот прогон против него.

Обвинителката Стефанова неколку пати појасни дека „поволностите“ кои ги добил осомничениот Камчев, односно укинувањето на притворот и враќањето на пасошот, се дадени од шефицата на СЈО, Катица Јанева.

Таа обелодени и дека Јанева барала случајот „Империја“ и „Поштенска банка“ да завршат со спогодба, без затворски казни за осомничените.

-На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, нѝ беше наложено, најдоцна до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и  можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период, рече неодамна обвинителката Стефанова.

По Стефанова, е предвидено да сведочи и обвинителот Бурим Рустеми, кој исто така беш дел од тимот на СЈО.

В.В.

Поврзани новости