Обвинителката Лиле Стефанова бара на Сашо Мијалков да му биде одреден притвор за случајот “Плацевите на Водно”, откако Апелација денеска му го укина оној за случајот “Трезор”, прифаќајќи му ја гаранцијата од 11 милиони евра.
-По денешната одлука на Апелациониот суд Скопје со која беше прифатена жалбата на Сашо Мијалков и е преиначено решението за притвор, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за определување на мерката притвор за Сашо Мијалков, обвинет за помагање при кривично дело ,,Перење пари и други приноси од казниво дело,, од чл.273 ст.1 в.в. чл.24 од Кривичниот законик во предметот познат во јавноста како „Плацевите на Водно“.
Имено, обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, се уште постои опасност од бегство и во таа насока го достави Предлогот за притвор, велат од Обвинителството.
Инаку Апелација денеска му ја прифати гаранцијата на Мијалков и покрај негативното мислење на Вишото обвинителство. Двајца од судиите гласале за, а третата судијка бил против, поради што напишала издвоено мислење.