На денешното судско рочиште за случајот „Ровер“, обвинителката Лидија Раичевиќ -Вучкова, го даде завршниот збор. Поточно обвинителката истакна дека останува на минатиот завршен збор што го даде на првото судење на „Ровер“.
-Останувам на истиот завршен збор бидејќи не се изведе ниту еден релевантен доказ кој би ја променил фактичката состојба, истакна Раичевиќ –Вучкова.
Обвинителката се обиде и да се оправда пред обвинетите и нивните роднини, објаснувајќи ја улогата на обвинителот. Објасни дека нивната задача била да постапуваат, односно да гонат, во ситуација кога постоеле докази за извршување на кривично дело. Додаде и дека соочуваствувала со обвинетите и нивните семејства бидејќи се наоѓале, како што рече, во посебна состојба.
-Апелирам дека високиот професионален морал ќе се изостри до тој степен што ќе овозможи правилно одлучување. Јас имам верба во тоа, иако постои ризик да предизвика сериозна реакција, но поради мојата функција ќе верувам и со целиот кредибилитет тврдам дека секој од нас може да му помогне на судскиот систем, заклучи обвинителката Раичевиќ –Вучкова.
Обвинителката со претходно дадениот завршен збор, на кој се повика и на ова рочиште, бараше максимални казни за обвинетите. За екс министерот Љубе Бошкоски тогаш појасни дека спаѓа во групата на психолошки помагачи за кој постои вербален доказ против него. Во својот завршен збор, обвинителката рече и дека нарачател на убиството на Маријан Тушевски и Киро Јанев е Орце Коруновски, а мотивите се превласт на скопското подземје.
Но, со овој завршен збор иако обвинителката успеа да го убеди првостепениот суд, кој досуди високи затворски казни, сепак не го помина филтерот на Апелација. Овој суд ја укина првостпената пресуда и го врати предметот на повторно судење. Апелација забележа дека обвинителството не ја докажала вината кај обвинетите, потенцирајќи дека немало докази, а укажаа и на незаконско постапување.
Покрај Бошкоски, кој беше осуден на 12 години затвор, со првостепената одлука на доживотен затвор беа осудени Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ. На десетгодишна казна затвор беше осуден Зоран Трајковски, по осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски.
Според пресудата на Кривичниот суд, Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, наводно му дал зелено светло на Орце Коруновски за убиството на Тушевски и Јанев. Наводно ветил дека нема нема да поведе истрага за убиството, и ќе им помогне на извршителите да избегаат.
Одбраната, пак, своите завршни зборови ќе ги даде во понеделник.