Обвинителката Лиле Стефанова заминува од СЈО?

by fokus

Специјалното јавно обвинителство може да остане со еден обвинител помалку, јавува Алсат-М. Според неофицијални информации на телевизијата, обвинителката Лиле Стефанова минатиот месец конкурирала за позиција во републичкото јавно обвинителство. Со оглед на тоа дека за позицијата се пријавени 40-тина кандидати битката е неизвесна, но сепак останува можноста Катица Јанева да остане без еден од поискусните кадри.

 

Лиле Стефанова дојде во СЈО со речиси две децении искуство во обвинителството и тоа од позиција во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Најголемиот предмет кој го работи во Специјалното јавно обвинителство е „Титаник“, каде врвот на ВМРО-ДПМНЕ е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на пари во изборната кампања и повреда на избирачкото право. Токму за овој случај основниот и апелацискиот суд донесоа одлуки за одземање на пасошите на екс премиерот Никола Груевски и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Со евентуалното заминување на Стефанова, СЈО ќе остане со 10 обвинители вклучувајќи ја тука и Катица Јанева. Ова обвинителство ја почна работата со 13 обвинители, но на почетокот на 2016-тата од непознати причини оттаму си заминаа обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓореска.

Поврзани новости