Обвинителката која го води предметот за Рашковски нема мандат да го гони-судењето се одложи

by fokus

Ивана Трајчева, обвинителката која го застапува обвинението против поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски нема веќе мандат да го гони.

Денешното судење за Рашковски повторно се одложи на барање на обвинителството бидејќи мандатот на Трајчева како обвинител во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и истекол во јануари, а обвинителот кој требало да ја замени на денешното рочиште бил на службен пат во странство.

Во судницата не дојдоа ниту Рашковски, ниту другите обвинети, а судењето не е ниту почнато.

Судијката која го води случајот апелираше до Советот на јавни обвинители што побрзо да избере во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Трајчева и уште пет други обвинители конкурирале за да бидат и понатаму обвинители, но Советот нема направено избор.

Од Советот велат дека денеска истекува рокот за вторите приговори од обвинителите кои дел од нив ги поднеле на оценувањето на раководителката на ОЈОГОКК, Вилма Русковска.

Од понеделник треба да почне крајната фаза за избор на обвинителите.

Поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски заедно со шест лица е обвинет за набавка на софтвер за сообраќајни казни и прекршоци.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости