Судот да ги осуди обвинетите на казни соодветни на сторените кривични дела, со што ќе влијае како на специјалниот, така и на генералниот план на превенција, побара вчера во завршните зборови обвинителката, Ивана Трајчева која го води случајот „Софтвери“ во којшто првообвинет е поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски.
Таа предложи на двајцата универзитетски професори, меѓу кои и Рашковски, да им биде изречена и казна – забрана за вршење на професија, дејност или должност со образложение дека професорската професија е една од оние професии во кои граѓаните и општеството треба да имаат сигурност и доверба, а во случајов двајцата обвинети искористувајќи го своето знаење и вештини, стекнати преку својата позиција, ги користеле за извршување на кривични дела.
Исто така, обвинителството предложи обвинетите да ја надоместат штетата во вкупен износ од 18.794.137,00 денари во корист на Буџетот на државата. Исто така, согласно чл.98 ст.1 од Кривичниот законик, јавниот обвинител побара од судот да конфискува имотна корист во вкупен износ од 684.603,00 денари од сметката на првообвинетиот.
Трајчева за Рашковски побара судот како отежнувачки околности да ја земе предвид упорноста во извршувањето на кривичното дело, неговото однесување во текот на постапката и непочитување како на обвинителството, така и на судот, како и тоа што во текот на целата постапка не изрази каење за стореното дело, туку напротив вината ја бара во јавното обвинителство и судот, дури за да го прикрие претходно стореното, во текот на постапката стори и ново кривично дело.
Според неа, доказите што ги изведе обвинителството во текот на главната расправа, но и оние предложени од самите обвинети, надвор од разумно сомневање ги докажаа дејствијата што им се ставаат на товар на обвинетите.
Преку анализа на сите изведени докази, јавниот обвинител во целост ги прикажа настаните опфатени со предметниот обвинителен акт.
„Сите четири предметни постапки за јавни набавки за кои одлуките ги носел првообвинетиот се незаконски спроведени и доколку не се водеше оваа постапка софтверот, системот, кабините и камерите ќе останеа засекогаш заборавени, а парите на граѓаните сепак потрошени“, истакна предметниот јавен обвинител. Доказите изведени во текот на постапката го потврдуваат обвинителниот акт со кој првообвинетиот се товари дека нерационално, неекономично и непродуктивно потрошил 17.474.137,00 денари пари на граѓаните со цел да ги впаричи својот патент и системот од неговата докторска дисертација.
Притоа, иако секоја од постапките за јавни набавки се различни помеѓу себе, во три од нив склучени со различни оператори, само едно правно лице било погодно за сѐ и ги имало или пак можело да ги набави токму оние стоки за кои биле склучени предметните договори за јавни набавки – правното лице чиј сопственик е четвртообвинетиот – човек што уживал најголема доверба кај првообвинетиот и каде завршувале голем дел од паричните средства од предметните јавни набавки.
Во однос на второто правно лице, јавниот обвинител истакна дека се работи за субјект основан непосредно по стапувањето на функција на првообвинетиот, кое освен со Владата склучувало договори за јавни набавки и со други државни институции. Од меѓусебната комуникација на обвинетите, обвинителството докажа дека зад овој субјект стои првообвинетиот, додека четвртообвинетиот е само формален сопственик.
„Покрај незаконитите постапки за јавни набавки, во текот на главната расправа, обвинителството докажа дека дел од обвинетите ангажирани со фиктивни авторски договори, за работи што воопшто не ги извршувале, примале парични средства на име хонорар од кои, во зависност од договорот со првоосомничениот, дел му ги давале нему. Со потпис на првоосомничениот, на име хонорар, биле исплатени вкупно 1.320.000,00 денари, пари на граѓаните, од кои пари со помош на петтообвинетата, завршиле во џебот на првообвинетиот“, истакна предметниот јавен обвинител во завршните зборови.
Завршните зборови на дел од одбраната се закажани за 25 мај во 12 часот.