Судењето на кардиохирургот Жан Митрев и неговата приватна болница повторно се одложи за 12 мај. На денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје беше присутен Жан Митрев со неговите бранители, додека пред судската зграда беа собрани десетина оштетени граѓани, кои држеа транспаренти „Профитер на грбот на болните” и „Бараме правда”.
Причина за повторното одложување на процесот е тоа што одбраната „не успеала да изврши увид во списите на предметот кои се уште се во Апелација“.
Судот претходно го прифати барањето на Обвинителството за замрзнување на имотот на Клиниката „Жан Митрев“, на која што одлука одбраната се жалеше пред Апелација.
Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева, побара од Судот да се закажат повеќе следни рочишта со цел предметот да добие на динамика, додека одбраната на Жан Митрев побара доволен простор од најмалку два месеци за да се запознаат со списите на предметот, како и да се обезбедат соодветни услови за судење.
Првиот почеток на судскиот процес се одложи на 28 февруари и на адвокатите, кои Митрев ги имаше сменето еден пред закажаниот почеток на судењето, им беше даден простор до 5 април да ги разгледа списите, но во меѓувреме предметот бил во Апелација, па не успеале.
Обвинението против Жан Митрев и болницата го поднесе Основното јавно обвинителство Скопје на 10 јануари 2023. Докторот се гони за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а е поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација.
Предметот на обвинението е прикривање на клучните факти за хемофилтрацијата, односно методот бил прикажуван онака како што не смее, дека е алтернатива за лекување од ковид, а всушност не е така. Тоа Митрев го правел и преку многубројни медиумски настапи кои ќе бидат дел од доказите.
Жан Митрев, пак, уверува дека е невин и тврди дека не бил измамен ниту еден пациент.
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарец под наслов „Нечиста крв“, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.