Обвинителка од Битола четири месеци ќе зема пониска плата за 20%. Ваквата одлука била донесена откако против обвинителката Лиле Талевска била поднесена претставка дека не излегла на увид по смртен случај, но казната ја добила бидејќи нејзиното оправдување било различно, односно едно кажала пред одговорните во основното обвинителство, а друго пред Вишото обвинителство.
Се почнало кога доктор од Брза Помош поднел претставка во која се пожалил за непрофесионален однос, односно дека при смртен случај на лице место, на увид, не излегол јавен обвинител. Но на крајот било утврдено дека како пропуст не било земено тоа што обвинителката не излегла на увид, туку што напишала пограшни податоци кои не соодветствувале со настанот.
-Обвинителката дала одговор во кој дала појаснување од кои причини не излегла на увид и не дала наредба за обдукција, меѓутоа оваа изјава содржински не се совпаѓала со наводите во поднесената претставка од страна на докторката писмено, со наводите во нејзината писмена изјава доставена до ВЈО Битола, ниту пак со тоа што било наведено во писменото иавестување на МВР СВР Битола. Со оглед на ваквата состојба, било констатирано дека во писменото известување на ЈО на ОЈО Битола биле содржани невистинити податоци, по што започнала целата постапка, се наведува во Записникот на Советот на јавните обвинители.
Оттаму потенцираат и дека Советот едногласно ја потврди донесената одлука и решение на Дисциплинската комисија со која и е изречена мерка парична казна 20% помала плата во време траење од четири последователни месеци.
-Јавниот обвинител Ислам Абази Укажа на податокот дека јавниот обвинител на ОЈО Битола не го негирал настанот, но се правдвал со преголема зафатеност во работата. Воедно кажа дека Комисијата дала предлог да не се оди со мерка разрешување од функцијата јавен обвинител, туку со поблага мерка иако се работело за потешка дисциплинска повреда, но се сметало дека целта ќе се постигне и со изрекување на дисциплинска мерка парична казна 20% помала плата во време траење од четири последователни месеци, се наведува во Записникот на Советот на јавните обвинители.
В.В.