Иако помина една година од обелоденувањето на новиот скандал поврзан со наводно прислушување, и тоа на обвинители, сепак сѐ уште не е утврдено дали разговорите на обвинителите само биле снимени по автоматизам, бидејќи опремата така налагала, или пак овие разговори сепак биле злоупотребени.
Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески лани откри дека две години обвинителите сместени покрај кејот на Вардар, но и оние во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, биле прислушувани, односно разговорите кои ги вршеле на фиксните телефони биле снимени на два хард диска.
Шефот на скопското јавно обвинителство, Сашо Рајчев, за „Фокус“ појаснува дека сѐ уште го чекаат крајното вештачење.
-Сѐ уште не е готово крајното вештачење, односно првичната анализа покажа дека имало снимање на разговорите, па затоа беше побарана уште една анализа за да се утврди дали некој имал контакт со овие снимки, дали биле изнесувани и слично, вели обвинителот Рајчев за „Фокус“.
Тој додава дека вештакот бил претрупан со работа, односно со изработка на вештачења за други предмети кои биле притворски, па затоа имале и приоритет.
Обвинителот Јовесеки кога го откри скандалот појасни дека ќе се истражува дали снимените разговори биле изнесувани надвор од обвинителството, односно дали информациите кои произлегувале од разговорите на обвинителите биле користени за некакви цели.
Централата за фиксна телефонија била инсталирана во 2013 година кога беше и вселена зградата, па затоа ќе се истражува дали опремата била набавена со опција за снимање, и кој тоа го барал, или тоа дополнително било инсталирано. Она што е сигурно е дека прислушувањето не е вршено од надвор, туку се вршело внатре во објектот.
Обвинителите ги користат фиксните телефони за споделување на службени информации, помеѓу вработени внатре, но и со други институции. Односно, преку телефон повикуваат и сведоци на распит, па доколку некој ја пресретнувал оваа информација, постои опасност и дека можеби се влијаело на сведоци или друг вид на саботирање на истрагите.
Валентина Вурмо