Обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Трајче Пеливанов и Гаврил Бубевски, кои беа дел од тимот на СЈО, се првите сведоци од листата на Катица Јанева за случајот „Рекет“.
На изминативе две рочишта своите докази ги презентираше Бојан Јовановски, а од утре на ред е Јанева. Таа најверојатно ќе започне со изведување на докази кои произлегуваат од истрагата за случајот „Империја“, но ова рочиште ќе биде затворено за јавноста.
Како што веќе објави „Фокус“ за тројца од сведоците ќе биде предложено да сведочат зад затворени врати, односно со исклучување на јавноста, а четворица ќе сведочат јавно.
Како што неофицијално дознаваме, дел од обвинителите не се расположени за сведочење, но сепак ќе се јават на поканата.
Во судница, како сведоци предложени од обвинителката Вилма Русковска, веќе сведочеа тројца обвинители од тимот на Јанева. Односно обвинителите Елизабета Јосифовска, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.
Катица Јанева во “Рекет” е обвинета за кривичното дело “Злоупотреба на службената положба и овластување”, а Бојан Јовановски за “Примање награда за противзаконито влијание” и “Перење пари”.
В.В.