Скопското основно јавно обвинителство поднесе oбвинителен предлог против две лица за кривично дело Узурпација на недвижности, поради изградба на платформи на Матка. Како што информираа од обвинителството, првообвинетиот е 39-годишен жител на Глумово, кој како трговец-поединец врши дејност за патнички воден транспорт
„Тој на точно неутврден датум со намера заземал во владение туѓа недвижност што е со пропис прогласена за споменик на природата. Имено, на катастарска парцела на брегот на езерото Матка поставил дрвена платформа со вкупна површина од 120 м2 со метална конструкција, над која изградил објект од цигла и дрво со површина од 49 м2“, соопштија од обвинителството.
Воедно, од таму додаваат дека вториот обвинет е 25-годишник од истото село, кој „делото го сторил така што на пет катастарски парцели исто така на брегот на езерото, поставил дрвена платформа со метална конструкција и со површина од 189,54 м2, на која патем изградил времен објект со површина од 187 м2“.
Неделникот Фокус неодамна пишуваше за случајот со дивите платформи на Матка, за што претходно Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси побара кривично гонење на градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, бидејќи, според ДКСК, непостапувајќи по барањата на двете веќе обвинети лица за легализација на дивите платформи им овозможил да стопанисуваат и да остваруваат приходи.
Сепак, обвинителството ја отфрли иницијативата на антикорупционерите, бидејќи само 10 дена откако тие побараа кривична одговорност тој донел решенија со кои ги одбива барањата за легализација на дивите платформи во ова заштитено подрачје.
Но, обвинителството истовремено спроведуваше постапка за утврдување вина на градителите на спорните платформи, откако претходно неколку државни надлежни органи констатирале дека тие воопшто не смеело да се изградат.
Инаку, едната платформа е во сопственост на Амет Саиди, кој воедно е прв човек на компанијата „Алмата Примо“ што врши транспорт на патници по езерото Матка до пештерата Врело.
Вториот обвинет, пак, е Исмаил Саиди, кој не е роднина со првиот обвинет, иако иако потекнува од исто село и носи исто презиме.