По спроведена истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје, достави Обвинителен акт против 11 лица. На лицата им се става на товар дека во периодот од декември 2019 година до октомври 2020 година во повеќе наврати како организатори или членови на група сториле кривично дело „организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в и кривично дело „криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 2 од Кривичниот законик.
Како што денеска соопшти Јавно обвинителство, во наведениот период, со умисла и од користољубие обвинетите М.С. (49) и неговиот син С.С. (23), заедно со обвинетиот А.М. (47) и А.А., кој е недостапен за органите на прогонот, организирале група за вршење кривично дело криумчарење мигранти.
– Припадници на групата станале обвинетите Б.Ј.(23), М.М.(21), Д.С.(29), Т.М.(36), Ф.А.(26) и Д.Љ.(50) кои ги прифаќале и превезувале мигрантите, како и Т.К-Ц (53) и Ј.К.(23), кои остварувале чести контакти со обвинетите М.С. и С.С. во врска со извршување на кривичното дело криумчарење мигранти. Воедно, авто-сервисот во кој бил вработен обвинетиот Ј.К. бил користен за сервисирање на моторните возила со кои организираната група ги криумчарела мигрантите, се појаснува во соопштението.