Обвинителот од охридското обвинителство, Воислав Димоски кој е и кандидат за уставен судија предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, си поднел оставка од функцијата пред да биде разрешен откако против него била поведена дисциплинска постапка.
Од Обвинителството потврдуваат дека против Димоски имало постапка и дека Советот на јавни обвинители донел одлука за престанок на функцијата на негово барање.
-Против наведениот јавен обвинител беше поведена дисциплинска постапка и беше донесена првостепена одлука. По донесување на првостепената одлука, тој до Советот на јавни обвинители поднесе барање за престанок на функцијата. За основите за престанок на функцијата на јавните обвинители Ве упатуваме да побарате одговор од Советот на јавни обвинители, велат од Обвинителството за „Фокус“.
Советот на јавни обвинители ја донел одлуката на 25 јули неколку недели откако тој го поднел барањето.
-На денешната шеесет и втора седница, Советот на јавните обвинители на РСМ, донесе одлука за престанок на функција јавен обвинител во ОЈО Охрид Воислав Димовски, по сопствено барање, се вели во соопштението од Советот.
Димоски одлуката ја објави на својот Фејсбук профил и кажа дека обвинителството е заробено од политика.
-На мојата радост и’ нема крај! После неколку недели од поднесувањето на оставката, денес, конечно, Советот на Јавни обвинители донесе Одлука за престанок на функцијата Јавен обвинител по мое барање. Во Обвинителството поминав десет години и три месеци и жалам што морам да кажам, ама го оставам во драстично полоша состојба од онаа на дента на мојот избор.
Заробено од политиката, со воглавно уплашени и сервилни колеги (чест на исклучоците!), систематски и свесно урнисано во организациона смисла, селективно во прогонот, со негативна кадрова селекција…
Од личен аспект, задоволен сум од се: иако не успеав ништо да сменам во Обвинителството, сепак мојот успех е огромен бидејќи не дозволив Обвинителството да ме смени мене! Кога ќе погледнам во што се претворија многу од колегите сфаќам дека тоа е повеќе од успех!, напиша Димоски.
Инаку, тој е еден од кандидатитите за уставен судија предложен од опозицијата. Комисијата за прашања на изборите и именувањата денеска ја продолжи расправата за предлозите за уставни судии. Пратениците расправаа за кандидатурата на Тања Васиќ Бозаџиева, вработена во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство, која е предлог на власта.
Членовите на Комисијата досега го утврдија предлогот на владејачкото мнозинство актуелниот судија во Апелацискиот суд Скопје Фатмир Скендер да биде избран за уставен судија. Одбиен е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје Родна Живковска да биде избрана за уставен судија.
Пратениците треба да ги разгледаат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Воислав Димоски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.
Уставниот суд во моментов работи без четворица судии на кои им истече мандатот, од предвидени девет судии. Во нецелосен состав е околу една година откако кон крајот на мај лани им истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски. Кон средината на јануари годинава, пак, му заврши мандатот и на судијата Јован Јосифовски.
Претседателката на Комисијата, Марија Георгиевска на нашето прашање како ќе постапува Комисијата со оглед на тоашто на Димоски не е веќе обвинител, кратко само ни одговори дека расправата по сите предлози останува отворена се до утврдувањето на каднидатите.
Пратениците сега одат на одмор, па најверојатно уставни судии нема да се изберат наскоро.
Ф.Ф.С.