Бесим Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на припадникот на навивачката група Комити Никола Саздовски, денес во судот се изјаснија дека не се виновни. Според нивните адвокати, пак, во случајов не постои свирепо убиство бидејќи по нападот и тепањето покојниот паднал на метална кутија на ЕВН, кој, според нив, бил фатален за него да падне во кома и набргу да почине.
Обвинителот, пак, во воведниот збор истакна дека ќе докаже оти Беља, Демири и третообвинетиот Јетон Љужа, кој е во бегство, на 29 јуни 2018 година околу 17.45 часот на булеварот Александар Македонски во Скопје, на автобуската постојка пред фабриката Алкалоид, му пристапиле на Саздовски, го легитимирале и во нападнале со боксови во главата и градите, а тие продолжиле со клоци да го удираат и откако паднал.
Инаку, доказната постапка почна со сведочење на Тони Саздовски, татко на убиениот. По него почна да сведочи неговата девојка, малолетничката Е.Б., која по прашање на судијката истакна дека добивала закани преку телефон. Нејзиното сведочење беше прекинато за да реши судечкиот совет дали таа ќе сведочи јавно, со оглед дека е малолетна.