Обвинетите за пожарот во „Пулс“ не се чувствуваат виновни

by irena 11:34
11:34

Сите обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, изјавија дека не се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар.

На денешното рочиште во судницата во Идризово, дел од нив изразија сочувство и изјавија дека го разбираат обвинението, но, сепак, не признаа вина за „тешки дела против општата сигурност“.

Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и новинари и јавност.

Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.

На обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници.

На минатото рочиште Судот ги прифати приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, и информираше дека ќе им биде доставено, а следната закажана расправа се одложува за да имаат време да може да се запознаат со материјалите.

За да нема проблем на одолговлекување на постапката, Судот донесе одлука главната расправа да продолжи со изјаснување по однос на оштетени побарувања и на кривичен прогон на присутните оштетени и законските застапници на оштетените. Присутните законски застапници на општетените пред Судот изјавија дека се приклучуваат кон кривичен прогон и дека своите права и оштетно побарување ќе ги остваруваат во граѓанска постапка.

Покрај обвинетите, во судницата се присутни и роднини на настраданите во несреќата, претставници на обвинителството и на одбраната, домашни и странски новинари.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска.

Слични вести