Покрај новинарот Томислав Кежаровски, денеска во Апелациониот суд, на седумчасовната маратонска јавна седница збор земаа и останатите обвинети во случајот „Ликвидација“ и нивните адвокати. Сите беа едногласни дека првостепената пресуда содржи технички и но суштествени пропусти, кои грубо го кршат Законот за кривична постапка.
Една од главните забелешки се однесуваше на употребата на ПИМ-мерките, односно обвинетите и нивните адвокати истакнаа дека се сомневаат дека биле незаконски следени и прислушувани.
-Кога побаравме од судот да ги видиме наредбите за употребата на ПИМ-мерките, ни беше одговорено дека таквите наредби се државна тајна. Па како е можно материјалите обезбедени на овој начин да ни ги прикажат, а наредбите да биле државна тајна. Ова е смешно. Тогаш бараме сите досегашни кривични совети кои ги презентирале овие наредби да одговараат за оддавање на државна тајна, истакнаа адвокатите.
Адвокатот Александар Тортевски истакна дека првостепената пресуда треба да биде укината.
-Очигледно е дека некој сакаше да направи бомбастичен предмет, па на обвинителна клупа се седнаа обвинители, судии, адвокати и новинар. Но, во таа магла што се сееше, засега е само сигурно дека единствено се деградираше правниот систем, рече Тортевски.
Тој додаде дека неговиот клиент, обвинителот Ивица Ефремов, добил три години затвор, за тоа што спиел во соба во која што имало сеф со два пиштола и куршуми. Ефремов објасни дека сефот му припаѓал на неговиот покоен татко, кој пак пиштолите ги добил од МВР. Докажал и дека со оставинска оставка еден од пиштолите му припаднал на неговиот брат, но и тоа не било доволно за судот.
Адвокатот Тортевски забележа и дека против неговиот клиент како доказ била употребена смс порака, која во 2008 година ја пратил на колешка.
-Како може оваа приватна порака да биде доказ, а како доказ не се прифати снимката за „Македонска банка“, која според обвинителството, исто така била приватна, односно не била обезбедена на законски начин, праша Тортевски.
Покрај адвокатите и обвинетите се обратија пред Апелационите судии.
-Оваа наша голгота почна под псевдонимот „Ликвидација“. Од начинот на кој бевме уапсени, па до тоа како бевме прикажувани во медиумите. За ПИМ мерките пак сакам да кажам дека не се законски, бидејќи за кривичното дело за кое ме гонат од 2008 година, не може да се изречат вакви мерки. Тоа законот не го дозволува. И покрај сертификатот за безбедност што го поседувам од 2011 година, не ми беше дозволено да ја видам наредбата за предистражните мерки, истакна обвинетиот судија Иле Танев, кој негираше дека земал пари, наводно мито, за неговото постапување во случајот „Ореше“.
И обвинетиот, обвинителот Ивица Ефремов, истакна дека професионално постапувал во случајот „Ореше“, а обвинувањата дека кај него се ургирало за да се укуне притворот на обвинетите, се негира со фактот што тој притворот секогаш бил продолжуван.
-Не може јавен обвинител да има докази за кривично дело во 2008 година, а постапката да се поведе во 2013 година. Тоа е недозволиво. Очигледно е дека обвинителството го користи „Ореше“ за да се справи со нас неподобните, заклучи Ефремов.
Обвинетите додека ги образлагаа своите жалби истакна и дека првостепената постапка била водена крајно непрофесионална, бидејќи не биле повикани клучните сведоци, ниту пак биле изведени сите докази.
Откако, сите го добија правото на збор, по седум часа, во судница во која немаше никакво греење, заврши јавната седница.
Судијата Сафет Кадриу истакна дека одлуката на обвинетите и нивните бранители ќе им биде доставена писмено. Се очекува истата да биде позната за најмногу два месеци.
Според првостепената пресуда, новинарот Кежаровски доби казна затвор од 4,5 години, Сабедин Џини-Хофман доби една година и шест месеци затвор, поранешниот истражен судија Валентин Зафиров е осуден на 5 години и 6 месеци затворска казна, обвинителот Ивица Ефремов ја доби истата казна како и Кежаровски. Пензионираниот врховен судија Борис Николовски и адвокатот Сашко Лазаров добија една година затвор, а Јане Павловски доби половина година повеќе.