Триесет и седумгодишниот скопјанец, Бојан Блажевски, денеска во Кривичниот суд ја призна одговорноста за сообраќајката во која загина новинарката од Македонско радио, Сузана Тодоровска – Павловска, и побара прошка од нејзиното семејство.
-Притворот лошо влијае на мене. Изразувам длабоко сочувство и каење за тоа што се случи тој кобен ден. Чувствувам голема душевна болка. Помислата дека одзедов човечки живот ме доведе до психичко растројство. Ми ги уништи сите планови, за да основам семејство со мојата девојка. Наркотиците одзедоа голем дел од мојата младост. Неколку месеци бев чист, но повторно им се вратив“, рече пред судот Блажевски, кој додаде дека и пружил прва помош на новинарката, но не успеал да ја спаси.
Според обвинението, возачот Блажевски, во моментите кога случила несреќата имал 1,52 промили алкохол во крвта и 2,42 промили во урина. Кај него биле констатирани и траги од наркотична дрога канабис сатива, а возилото „опел корса“ го управувал со брзина од 83 километри на час при што загубил контрола и удрил во Тодоровска-Павловска.
Сообраќајката се случи на деветти јули годинава пред Катната гаража „Зебра“, во скопската населба Капиштец.