Пратеникот Реџеп Мемеди денеска на пратенички прашања во Сообранието го праша републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, дали е точно дека донел одлука за преквалификација на кривичното дел за случајот во кој почина малиот Алмир, односно дали наместо за кривичното дело „убиство“ обвинетиот ќе се гони за „несреќен случај со смртни последици“.
-Предметот се наоѓа во постапка пред Основниот суд. Инаку, пред да пред да бидам именуван за републички јавен обвинител, во Вишото јавно обвинителство е направена преквалификација на делото, но сепак сега случајот повторно е во постапка, односно почна од почеток, и ќе се постапи согласно закон, рече Јовески.
Адвокатот Стеван Павлески, кој го застапува обвинетиот, ни појасни дека досега во постапката не е направена преквалификација на делото, односно обвинетиот сѐ уште се терети за „убиство“, но како што посочува се очекува јавниот обвинител преквалификацијата да ја направи кога ќе го дава завршниот збор.
Имено, по хиерархија, јавниот обвинител би требало да ја почитува одлуката на Вишото јавно обвинителство, односно обвинетиот да се гони за „несреќен случај со смртни последици“, наместо како досега за „убиство“.