Цели 11 години трае судската сага на седумдесетината обвинети инкасанти во случајот „Змиско око“. Од нивното апсење во 2007 година, па се до денес, за овој случај нема правосилна пресуда, поради што повеќе од една деценија се приморени да одат на судски рочишта.
Во два наврати Кривичниот суд донесе пресуди, но Апелациониот суд ги укинуваше, по што пред две и пол години судењето почна од почеток по трет пат. Но досега не е оддржано ниту едно рочиште, бидејќи постојано има некоја причина за одложување. Па така не се оддржа ниту вчерашното рочиште, бидејќи на судењето не се појави обвинителката Вилма Русковска.
-Не постојат зборови за да го опишеме она низ што поминуваме. Ни одзедоа единаесет години од животот, кои веќе никој и со ништо не може да ни ги врати. Не апсеа како најголеми криминалци, лежевме повеќе од година дена во притвор, и сега со години чекаме, а и ние веќе не знаеме што точно чекаме, велат револтирано дел од обвинетите, кои залудно вчера дојдоа во Кривичниот суд.
Тие појаснуваат дека и судијата Владимир Туфегџиќ рекол дека се надева дека конечно ќе успеат да ја оддржат главната расправа на судењето закажано за во септември.
„Спектакуларното“ апсење на овие луѓе, со специјалци вооружени до заби, почна на 18 ноември 2007 година и траеше неколку дена, а тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска пред јавноста гордо истакна дека се реализирала најголемата, најдолгата и најмасовната операција досега. Уапсените се гонеа дека организирано формирале злосторничка дружина која не издавала фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џеб, по што, повторно организирано ги делеле.
Дека помпезно најавуваниот случај ќе се претвори во дебакл, се виде при донесувањето на првата, првостепена пресуда, на 28 ноември 2008 година. Иако се очекуваше пресудата да го оправда театарот за „најголемиот корупциски случај“, сепак тоа не се случи. Падна обвинувањето дека инкасаторите и контролорите функционирале како организирана злосторничка група, па беа осудени само за злоупотреба на службената положба. Највисоката досудена казна беше четири години затвор за двајца од обвинетите, една тригодишна казна, осуммина добија по две години затвор, повеќето добија условна казна од две години, а тројца беа ослободени од вина.
И во втората досудените казни беа речиси идентични како и во претходната. Највисоката казна повторно е четири години, двајца од обвинетите се осудени на три години затвор, седум казни од две години и четири месеци, а останатите условни од по две години.
Но и оваа пресуда издишува како балон по одлуката на Апелациониот суд, донесена на 21 март 2016 година, да ја укине и да го врати случајот на повторно одлучување.
Забелешките на второстепениот суд во голем дел се повторуваат, поради што сега Кривичниот суд има трета шанса да го докаже обвинението или конечно да го отфрли.
Валентина Вурмо