На денешното судење за случајот Тврдина 2 во кој за уништување на службена документација поврзана со незаконското прислушување, за што обвинети се Горан Грујевски и уште шест вработени во УБК исказ даде една од обвинетите, со кој негираше вина и тврдеше дека била наместена.
Обвинетата М.К.С. која била секретарка на еден од началниците истакна дека иако нејзиниот потпис се наоѓа на документот, со кој се наредува уништување на службениот материјал не знаела дека потпишува таква наредба, а додаде и дека не била член на Комисијата која решава по такви прашања.
„Не знаев дека сум ставена за член на таква пописна комисија бидејќи јас бев само секретарка. Една од обвинетите ми даде да потпишам, меѓутоа ми кажа дека потпишувам нешто што го потпишале сите секретарки – рече обвинетата, која потоа призна дека потпишала и потврда, но не се сеќаваше зошто ја потпишала и кога точно.
Таа појасни дека како секретарка на началникот В.Ц. и било речено кога ќе дојдат преставниците на пописната комсија да ги донесе црните ќеси во кои биле документите за ништење и на сите да им свари кафе, оправдувајќи се дека не знаела што точно има во ќесите.
По дадениот исказ на обвинетата реагираше обвинителот Трајче Пеливанов од СЈО кој ја праша обвинетата кој и е мотивот за нејзината одбрана бидејќи, како што рече за време на истражната постапка, кога имала својство на сведок дала сосема поинаков исказ.
Тогаш истакнала дека знаела што има во црните ќеси како што појаснила тоа биле материјали од техничка природа, како што биле решенија за годишни одмори, потврди за патување во странство и слично.
На прашањето на обвинителот реагираше одбраната, од каде што посочија дека обвинетата има право да се брани, а прашањето на обвинителот не е во согласност со законот за кривична постапка, бидејќи се што кажала во предистражна постапка не може да се употреби на главна расправа, бидејќи тогаш имала и својство на сведок.
Поради дополнување на доказната постапка, судијката ја одложи главната расправа за 2 октомври.
В.В.