Влатко Трајковски, еден од обвинетите за „27 април“, во моментот во Кривичниот суд ја дава својата одбрана за упадот во Собранието.
Тој својот исказ го започна од далечната 1994 година кога на 15-годишна возраст станал член на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
-Почнуваш како поттрчко, па потоа стануваш курир. Кога ќе се осигурат во тебе, ти дозволуваат да лепиш плакати, рече Трајковски.
Потоа Трајковски почна да раскажува како се образувал, се потсети на моментот кога требало да оди во војска, но дел од неговата одбрана беше и неговата женидба.
-Во 2001 година донесов едно специфично решение, решив да се женам. Носиш одлука да се откажеш од многу полезни работи, односно да скокнеш во тавче. Невестата не ја запросив, туку ја донесов бегалка во Драчево. Беше 20 јануари, бидејќи дедо ми велеше кога ќе се жениш да се жениш во зима. Тогаш амбарите се полни со вино и храна, објаснуваше посветено обвинетиот, а додека тој зборуваше останатите обвинети на глас се смејаа, а сериозни не издржаа да останат ниту адвокатите и судијката Добрила Кацарска.
По женидбата, обвинетиот се осврна и на неговиот ангажман за воениот конфликт во 2001 година, во која учествувал како резервист.
Тогаш се вмеша обвинителката Вилма Русковска која рече: „ Ќе стигнеме ли некогаш до 2017 година, се уште сме на 2001 година“?
Откако сите повторно почнаа да се смејаат, судијката Кацарска и се обрати на обвинителката и и порача да не го прекинува обвинетиот, дека тој има право да зборува што сака, бидејќи дава своја одбрана.
-Судот има трпение и ќе ја слуша вашата одбрана. Ја сфаќаме вашата поента, и затоа продолжете да зборувате, му порача судијката Кацарска.
Тогаш Трајковски раскажа за траумите кои ги доживеал во Арачиново, каде многу војници го исзгубија животот, а меѓу нив имало и негови познаници.
-Полицаец повреден во слепочницата бараше помош, по што почина. Тоа се траумите кои ги доживеав. Подоцна сфативме дека виновниците за војната не беа казнети, војната ни беше наметната а ние бевме глинени голуби. Буквално бевме предадени, раскажуваше обвинетиот.
В.В.