Обвинет за 27 април “пропеа”: УБК и Нинџа го организираа упадот во Собранието!

by fokus

На денешното рочиште за случајот  “27 април” се случи пресврт, бидејќи обвинетиот Стефан Младеновски го разоткри целосното сценарио за “Крвавиот четврток”.

Тој како организатори на упадот во Собранието ги посочи Александар Василевски Нинџа и Владимир Атанасов, тогашниот директор на УБК.

Тој потврди дека протестите имале логистичка поддршка од сите ограноци на ВМРО-ДПМНЕ, а дека возилото што ги предводело протестите било во сопственост на општинскиот комитет на партијата од Кисела Вода.

-Се знаеше уште во време на протестите дека ќе треба да се влезе во Собрание на денот кога СДСМ ќе прави Влада и ќе избира претседател на Собранието – рече тој.

Младеновски потоа раскажа дека во февруари биле викнати во „Аристократ“ каде Никола Бошковски им рекол дека државата мора да се одбрани и дека ја имаат поддршката од УБК, а дека сите насоки потоа ги добивале од Нинџа.

-Кољо му се јави на мојот брат на 27 април околу 13 часот и не викна да одиме во „Дион“. Таму Нинџа беше присутен заедно со неговата екипа и не извести дека денес е денот. Подоцна го слушав како му вели на Кољо дека треба да земат маски и му даде пари, по што се упативме до продавницата „Камуфлаж“ – рече тој.

Откако ги купиле маските се вратиле во „Дион“ каде слушнале како во Собранието се пее албанската химна, што предизвикало, како што рече, дополнително гнев, револт и негативна атмосфера.

-Сакавме да одиме на протес, но Нинџа ни рече дека е рано. Некаде околу 18 и 40 часот Кољо ни кажа дека Нинџа рекол да тргнеме кон Собранието и тргнавме со група од околу 50 луѓе. Некаде кај Жена парк, Кољо ни рече дека се влегува во Собрание и да ставиме маски, при што ставија само некои од нас. Кога ги видов пратениците од СДСМ во прес центарот ми беше јасно дека сме наместени. Се свртев и си заминав. Отидов кон холот. Дојде братот на Никола Митревски Кољо, кој ми ја побара маската, бидејќи јас сум имал капче. Тогаш се упатив кон Жена борец. Го сретнав Нинџа, а со него беше и Кољо. Скоро сите луѓе беа таму од кафулето Дион. Беше и Игор Југ кој се жалеше дека шок бомба му пукнала во рацете и го тепала полицијата, раскажуваше обвинетиот Младеновски.

Тој се потсети дека таму бил и Дејан Димковски Боксер, вработен во УБК.

-Боксер ни кажа да не се грижиме дека тој ги искршил камерите. Ни кажа и дека во 22 часот претседателот ќе прогласел воена состојба и дека веќе воена полиција била поставена на местото Групчин, кај Гостивар-Тетово. Боксер ни кажа дека таа информација ја добил од некое лице Синиша кое работело кај претседателот, истакна Младеновски.

Тој додаде дека набрзо до нив стигнала информација дека се спремала група вооружени Албанци.

-Тогаш Нинџа отиде да се види со Никола Бошковски-Прскачот. Наводно бил дојден со возило кај Градската болница во кое имало оружје, автоматско и полуавтоматско. Го прашав Нинџа што ќе се случи кога ќе дојдат вооружените Албанци и тој рече, дека и тука има луѓе кои знаат да пукаат, рече Младеновски.

Тој додаде дека општиот заклучок бил дека народот е предаден, наместен и тепан.

Потоа продолжи да раскажува дека околу полноќ отишле кај ресторанот Дион, кој бил заклучен, но тие седнале на терасата.

-Бевме десетина лица. Кољо, Нинџа, Митре Питроповски, Захарие Симовски, а дојде и Никола Бошковски Прскачот. Тој беше среќен, иако не знам зошто. Нинџа пак му раскажуваше што се случило, рече обвинетиот.

Тој повторно се посвети на Нинџа.

-Од наредниот ден па се до денес, Нинџа имаше параноја, не претресуваше и менуваше локации каде да се видиме. Со Никола Бошковски ми велеа да внимаваме што зборуваме и дека тоа засекогаш треба да остане тајна, рече Младеновски, кој додаде дека Нинџа на паузите од судењата му сугерирал да каже дека Кољо бил организатор, односно тој ги набавил фантомките.

По неговото сведочење, обвинетиот Горанче Ангеловски му се заблагодари за исказот.

-Ви благодарам што ја кажавте вистината, иако задоцнето, бидејќи веќе 13 месеци сме во притвор. Сепак ти благодарам што собравте храброст и тоа голема храброст, рече Ангеловски.

Тој го праша и Младеновски дали патриотските здруженија биле искористени од партијата, полицијата и од УБК. На ова Младеновски одговори:

“Сигурен сум дека бевте злоупотребени од Владимир Атанасовски директорот на УБК и од Нинџа, рече Младеновски.

 

Поврзани новости