Обвинителството поднесе обвинителен предлог за вработен во Воспитно поправниот дом во Тетово, бидејќи не пријавил силување на малолетник, штитеник на домот.
„Основното јавно обвинителство во Велес поднесе Обвинителен предлог против раководителот на Секторот за обезбедување – заповедник во Воспитно – поправниот дом Тетово – одделение во Велес, за сторено кривично дело Несовесно вршење на службата. Обвинетиот се товари дека во својство на службено лице, откако добил известување за сторено кривично дело Силување на малолетник од страна на други штитеници во домот, истото не го пријавил до надлежните органи, со што несовесно постапил и сторил кривично дело“, се вели во соопштението на обвинителството.
Оттаму додаваат дека надлежниот обвинител извршил разговор со повеќе вработени во домот, а било извршено и невропсихијатриско вештачење на злоупотребуваното дете.
„Што се однесува, пак, до децата кои го сториле кривичното дело Силување, Основното јавно обвинителство во Велес веќе има поднесено барање за поведување на подготвителна постапка пред Судијата за малолетници во Основниот суд Велес и истата е во тек“, информираат од Обвинителството.
Грозоморниот чин во домот се случил на 19 мај, кога 16 годишно момче било силувано од четворица негови врсници, а медиумите известуваа дека настанот дежурните во домот не го пријавиле, туку го прикриле. Се пишуваше дека момчето не било однесено ниту на лекар. По две недели, малолетникот успеал писмено да го информира Народниот правобранител, по што тој на 3-ти јули бил во домот, близу Горно Оризари, за да го испита случајот.