Наместо Ибрахим Дехари, лидерот на ДУИ, Али Ахмети го предложил Хисен Џемаили за функцијата министер без ресор за странски инвестиции.
Џемаили за Плусинфо потврди дека ја прифатил понудата на Ахмети и сака да придонесе за општеството.
„Го прифатив предлогот на лидерот Али Ахмети за министерската функција. Битно е Владата да е силна и што повеќе да придонесеме за општеството“ ни изјави Џемаили.
Џемаили е асистент – професор по географија на Тетовскиот универзитет. Претходно тој беше советник во Општина Тетово, а во мандатот од 2008 до 2011 беше пратеник.
Џемаили во конфликтот во 2001 година беше во редовите на ОНА, и беше обвинет во еден од четирите Хашки предмети и како еден од пратениците на кој му беше одземен имунитетот.
Тој беше обвинет за Хашкиот предмет „Малтретирани градежни работници од Маврово“. Тогаш по него беше распишана потерница бидејќи два месеци не се појавуваше ниту во Собранието ниту во суд.