Екс премирот Никола Груевски и поранешната министерка Гордана Јанкулоска денеска седнаа на обвинителна клупа во Кривичниот суд каде што им се суди за набавката на мерцедесот од 580.000 евра, односно случајот Тенк на СЈО.
На денешното рочиште се повикани неколку сведоци. Првиот сведок Киро Т., вработен во Агенцијата за разузнавање, истакна дека во 2012 година кога бил набавен мерцедесот работел во МВР како советник за човечки ресурси во кабинетот на тогашната министерка Јанкулоска. Тој истакна дека тогаш добил решение дека е член на Комисијата за набавка на блендираното возило.
-Учествував во отварањето на понудите при изборот на најповолен понудувач. Имаше само една понуда која ги исполнуваше утврдените спецификации. По ова беше изготвен предлог за склучување на договорот, рече сведокот, појаснувајќи дека комисијата не го склучувала договорот.
Пред да почне да сведочи, сведокот предупреди дека може да открие државна тајна, па одбраната предложи од судница да се исклучи јавноста, но судијката Добрила Кацарска го одби предлогот.
Овој сведок ниту приближно не откри државна тајна, бидејќи единственото кажа дека на тендерот учествувала само една компанија. Сведокот заклучи дека комисијата која ја спровела јавната набавка на мерцедесот ги запазила сите постапки и процедури.
Сведокот, инаку е еден од обвинетите во случајот Титаник.
В.В.