Обвинението за „Рекет“ ќе се оценува наредната недела?

by fokus

Наредната недела се очекува да се закаже седница за оценување на обвинителниот акт за случајот „Рекет“. Денеска истекува последниот ден за поднесување на приговорите на обвинението кои ги доставуваат адвокатите, по што набрзо ќе се закаже седницата, информираат од Кривичниот суд.

Според Законот за кривична постапка, обвинението прво оди на оцена, за да се одлучи дали воопшто ќе има судење. При оцената, судијата поединец или советот можат да одлучат да го одобрат обвинителниот акт, да го отфрлат или доколку утврдат технички грешки да го вратат назад кај обвинителот на поправка.

Советот во рок од осум дена од приемот на приговорот против обвинителниот акт, треба да ја закаже седница за оценување.

Доколу обвинението е одобрено, главната расправа се закажува во рок од 30 дена од приемот на обвинителниот акт, или 60 дена доколку станува збор за дела од организиран криминал. Ова би значело дека за случајот „Рекет“ би можело да се очекува судењето да стартува пред Нова Година, се разбира доколку оценката биде позитивна.

Според обвинението, осомничените Бојан Јовановски и Зоран Милевски Кичееч имале имотна корист од 1,5 милиони евра, а Катица Јанева наводно добила 5.000 евра во мебел и 50.000 евра во кеш. Парите наводно им биле исплатени за да го спасат бизнисменот Орце Камчев од кривичен прогон за случајот „Империја“.

В.В.

Поврзани новости