Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во петокот поднесе обвинение против актерката Силвија Стојановска и нејзиниот сопруг, за шверц на дрога. Според обвинението, наводно тие биле дел од меѓународна група која се занимавала со набавка и продажба на кокаин.
Истрагата траеше неколку месеци, а според адвокатот на Стојановска, Димитар Савовски, обвинителството избрзало, односно обвинителниот акт е преуранет. Тој реагира дека во моментот кога обвинителството го поднел обвинението, течел законскиот рок во кој тие имале право да достават докази.
-Одредбите од чл.302 и 303 на ЗКП се јасни, прецизни и пред се од императивени и точно утврдуваат дека обвинителот има право да поднесе обвинителен акт по истекот на рокот од 15 дена откако обвинетиот – одбраната ќе добијат известување за завршена истрага. Рокот од 15 дена не случајно е предвиден и во тој период обвиниетиот и бранителот имаат право на вршење на увид во предметот, да добијат препис од доказите и списите и да предлагаат изведување на докази во корист на обвинетиот, што ние го сторивме. Точно е дека е извршен еден увид и се побарани докази, точно е дека дел од побараните докази обвинителството ни достави, но не сите. Од таа причина побарав уште еден увид во предметот и ја дополнив и листата на докази кои ги побарувам од обвинителство и тоа во рокот од 15 дена кој се уште тече, појаснува адвокатот Савовски во изјава за „Фокус“.
Тој додава дека известувањето за завршена истрага го примил на 2 јуни, а рокот завршувал на 17-ти.
-Имено, известувањето го примив на 02 јуни, рокот почнува да тече на 03 јуни и завршува на 17 јуни. Тоа значи дека прв ден на кој обвинителство може да поднесе обвинение е 18 јуни. Зошто обвинението е преурането поднесено на 12 јуни не ми е познато, но факт е дека со обвинението се доставени до судот и доказите, па од таа причина сега веќе не можат да постапат по моето барање. Исто така неспорно е дека е ова грубо кршење на правото на одбрана на обвинетата, впрочем Македонија е на врвот на листата на изгубени предмети пред ЕСЧП токму поради повреда на правото на одбрана на обвинетите. Не знам каде обвинтелот го црпи законскиот основ за предвремено поднесување на обвинителен акт, можно е да читаме и постапуваме по различни закони, но факт е дека и во овој случај, како и во многу претходни, обвинителство постапува од позиција на сила, а не врз законски основи, за жал толерирано од судот до бескрај, вели Савовски.
Побаравме одговор од Обвинителството, а од таму велат дека се запазени сите законски рокови.
-Точно е дека обвинението е поднесено еден ден пред истекот на рокот предвиден за увид во доказите, но претходно се исполнети сите законски претпоставки. Имено, обвинетите и одбраната во текот на минатата недела извршија увид во доказите и притоа побараа дел од доказниот материјал да им биде доставен. Обвинителството го подготви материјалот и одбраната може во секој момент да го подигне. При увидот од страна на обвинетите и нивната одбрана не се побарани дополнителни докази. Воедно треба да се земе предвид дека кога се работи за притворски предмети потребно е да се води сметка за елементарните човекови права па, во таа насока треба да биде од интерес и за одбраната предметот што побргу да влезе во судска постапка, ни одговорија од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Во чеенот 302, став 4 од Законот за кривична постапка пак пишува:
„Известувањето содржи поука дека осомничениот има право во рок од 15 дена од приемот на известувањето да поднесе исправи, или други докази, списи од дејствијата на одбраната, или да бара од јавниот обвинител да собере определени докази“.
Потоа во член 303 став 1 пишува:
„По завршувањето на истражната и истекот на роковите од член 302 на овој закон, јавниот обвинител е должен во рок од 15 дена да поднесе обвинение или истражната постапка да ја запре“.
Савовски потенцира дека законот е јасен и тука нема да застане.
-Во секој случај, веќе ги преземам сите расположиви законски мерки и повисоките обвинителски инстанци во секој случај ќе бидат запознаени со постапувањето на обвинителот а како ќе реагираа тие понатаму ќе видиме, вели Савовски.
Обвинението сега се наоѓа во Кривичен суд, каде што му претстои оценка.
-Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготовувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Р. Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа“, информираше обвинителството, откако го поднесе обвинението.
Валентина Вурмо