Обвинение за убиството на Денис Тот – казна затвор од најмалку пет години

by fokus

Скопското обвинителство поднесе обвинение против тројцата осомничени за убиството на хрватскиот ракометар, Денис Тот кој беше претепан до смрт пред дискотеката „Привилиџ“ во градскиот парк во Скопје.

-Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, констатирало обвинителството.

Осомничени за убиството се Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски, а се товарат за кривично дело, убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, според кое „Тој што друг ќе лиши од живот, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

Инаку, делото можеше да се преквалификува во „убиство на свиреп или подмолен начин“, за што е предвидена казна затвор од најмалку десет години, или, пак, за делото нанесување „тешка телесна повреда со смртни последици“.

Обвинителот до кривичниот суд доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети.

Според информациите на „Фокус“, вечерта меѓу 6 и 7 април, Тот во „Привилиџ“ го видел еден од сега осомничените Андреј Костовски, со кого се знаеле од претходно, поточно од хотелот „Мериот“. Тот таму имал престојувано како странец, а Костовски порано работел како шанкер.

Тот не влегол во клубот со тројцата напаѓачи, сега осомничени за убиство, кои биле во исто друштво, првоосомничениот Анџело Ѓоргиевски, дваесет и двегодишниот Костовски и деветнаесетгодишната Клeментина Левковска.

Тот му се придружил на друштвото откако го видел Андреј, ги честел пијачки и сѐ било во ред до 3.30 часот, кога излегле од дискотеката и кога Тот сакал да си оди заедно со нив во таксито. Иако има многу верзии што било причината за кавгата, едно е сигурно, дека имало некаков „судир“ меѓу ракометарот и девојката од ова друштво.
Официјално, меѓу нив имало лично недоразбирање што може да се заклучи и од објавените видеоснимки на социјалните мрежи, каде што се гледа како девојката го „шутира“ Тот, додека тој лежи, беспомошно и не се помрднува.

За многу кратко време беа уапсени двајцата осомничени, Костовски и Левковска, додека првоосомничениот полицијата не можеше да го најде. Сите тројца се гонат за кривично дело убиство, став еден, според кој: „Тој што друг ќе лиши од живот, ќе се казни со затвор најмалку пет години“.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости