Обвинителството покрена обвинение за маж, чиј идентитет не се открива, а кој пред две години го уби Бурим Идризи, и тоа испукувајќи во него 20 куршуми.
-Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против едно лице, кое се товари дека извршило кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 од Кривичниот законик.
Обвинетиот, на 20.12.2017 година, на автобуска постојка на улицата „Џон Кенеди“ во Скопје, наспроти училиштето „Цветан Димов“, со умисла го лишил од живот лицето Бурим Идризи, а го довел во опасност и животот на уште тројца други оштетени.
Додека сега починатиот со останатите оштетени стоел на постојката, обвинетиот со автомобил Застава југо застанал од спротивната страна на коловозната лента и излегол од возилото со огнено оружје во рацете. Тој ја претрчал коловозната лента, се доближил до жртвата и испукал кон него 20 куршуми со калибар 7,62X39мм. Притоа, Идризи се здобил со повеќе огнострелни повреди кои резултирале со брз смртен исход, а со телесна повреда се здобил и еден од оштетените.
Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и Посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице, бидејќи постои опасност од бегство како и околности кои упатуваат дека тој би можел да го повтори кривичното дело. Притоа обвинителот го ценеше и фактот што обвинетиот веднаш по настанот се даде во бегство и речиси две години не беше достапен на органите на прогонот, се вели во соопштението на Обвинителството.