Основното јавно обвинителство Битола поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за продолжено кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторна основа од член 319 став 1 во врска со член 45, како и за продолжено кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Обвинетиот како овластено лице на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“, со намера да ги повреди чувствата на припадниците на еврејската заедница, го сместил просторот кој го користело здружението токму во т.н. Еврејско Маало во Битола, односно на истата улица во која се наоѓа и објектот познат како „Пионерски дом“, во кој пред Втората светска војна било сместено Здружението на Млади Евреи „Хашомер Хацеир“. Овој простор бил свечено отворен за користење за членовите на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ на 16.04.2022 година – ден Шабат и прв ден Песах – еден од најголемите еврејски празници.
Со цел промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван Михајлов, што е декларирана цел во Статутот на Здружението, обвинетиот дозволил на влезот во просториите да биде поставена табла со цитат од Иван Ванчо Михајлов со кој се негира посебноста на македонската нација.
Како администратор на Фејсбук страницата на Здружението, обвинетиот континуирано објавувал постови со кои се негира посебноста на македонскиот народ и јазик и историската улога на борците од народно-ослободителната антифашистичка војна 1941-1945 во создавањето на независната македонска држава.
Со објавите се промовирале контроверзни ставови на Иван Михајлов и се поттикнувала омраза и дискриминација спрема наследниците, почитувачите и продолжувачите на делата на Сојузот на борците, како и спрема македонскиот народ и македонскиот јазик.
Обвинетиот 45-годишен битолчанец ги сторил кривичните дела во периодот од 16.04.2022 година до 22.03.2023 година, свесен декa на дискриминаторен начин ќе разгори омраза и нетрпеливост врз основа на етничка припадност, јазик, религија и општествен статус спрема македонскиот народ и спрема припадниците на еврејската заедница во земјава.