Обвинение за напаѓачот на новинарската екипа што снимаше за Онишченко

by fokus

Скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог за насилникот кој ја нападна новинарската екипа која појде да го снима живеалиштето кај што е пријавен Украинецот Олександр Онишченко кој доби македонско државјанство иако е на црната листа на САД.

Обвинителниот предлог е за Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

-Обвинетиот 67-годишник, на 14 ноември, со грубо навредување и со грубо насилство ја загрозил сигурноста на телевизиска екипа која снимала прилог во близина на неговиот дом, информираат денеска од Јавното обвинителство.

Оттаму посочуваат дека обвинетиот најпрвин вербално, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со десниот лакт кон левата долна вилица и нанесувајќи му телесна повреда  – набиеница. Кај присутните сведоци на настанот – новинар и возач на телевизиската екипа, обвинетиот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв.

Со обвинителниот предлог, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на мерката куќен притвор за обвинетиот, бидејќи се уште постојат основите поради кои таа првично му беше определена.​

Поврзани новости