Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – Криумчарење мигранти, информираат од Јавното обвинителство.
Обвинетиот на 26 февруари 2020 година на претходно договорено место во близина на македонско -грчката граница, според Јавното обвинителство прифатил 36 мигранти од Авганистан и четири мигранти од Пакистан.
-Мигрантите ги сместил во товарно моторно возило „пежо“ и започнал да ги превезува кон Куманово по меѓународниот пат А-2 во правец од Радовиш кон Штип. Кај Неготино возилото било забележано од полициските службеници кои со светлосен сигнал му дале знак да запре, но обвинетиот продолжил да се движи кон Штип, а полициските службеници тргнале по него. Кај село Лакавица обвинетиот го запрел возилото и бил лишен од слобода. Во возилото кое неколку дена претходно било пријавено за украдено биле пронајдени четириесетте мигранти, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.
Ценејќи дека се исполнети условите надлежниот обвинител заедно со обвинителниот предлог достави и предлог мерката притвор определена од Судија на претходна постапка да биде продолжена.