Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинение против 33-годишен скопјенец за кривично дело предизвикување општа опасност поради тоа што од двор позади зграда пукал од пиштол во стан на негови соседи.
Истовремено Обвинителството побарало и продолжување на притворот, кој веќе претходно му бил определен.
„Обвинетиот, на 24 јуни, предизвикал значителна опасност за животот на тројца оштетени. Додека тие седеле во стан на улица ‘Никола Грчето’ во Чаир, обвинетиот, инаку нивен сосед, дошол на вратата и почнал да тропа, обидувајќи се насилно да влезе. Во обидот не успеал, бидејќи вратата била заклучена, па почнал да им се заканува. Потоа, тој се симнал во дворот позади зградата и од таму почнал да пука кон прозорците и фасадата на станот на оштетените. Од пиштол од непозната марка испукал осум куршуми со калибар 6,35 мм. За да не бидат повредени, оштетените се скриле во спалната соба и настанот го пријавиле во полиција“, соопштија од ОЈО.
Ценејќи дека и натаму постојат законските основи поради кои на обвинетиот првично му била определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје доставил предлог за продолжување на притворот за ова лице.