По две години од смртта на родилката Дебора Ќерими Џамбази, скопското обвинителство поднесе обвинителен предлог против анестезиологот кој учествувал во породувањето на жената која почина на операција во приватната болница „Санте плус“.
Лекарот анестезиолог се товари за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето. Анестезиологот се приклучил на оперативниот тим во кој биле двајца лекари специјалисти-гинеколози кои на 18 јанаури 2018 година врешеле хируршки зафат – царски рез на сега починатата родилка.
-Обвинетиот започнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводникот што предизвикало недостаток на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од тие причини, кај родилката настапил смртен исход, а кај нејзиното новороденче биле предизвикани трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво, велат од Обвинителството.
Анестезиологот бил вработен на Универзитетската клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување и склучил Договор на дело со приватната болница „Санте плус“, со кој се обврзал да ги извршува работите на работно место доктор-анестезиолог во периодот од 16.01-28.01.2018 година. Притоа, тој го склучил договорот без да го поседува потребното работно искуство во специјалноста над две години и без да постои договор меѓу клиниката во која работел и приватната болница.
Во исто време, приватната здравствена установа била надвор од мрежата и согласно Законот за здравствена заштита немала право да ангажира здравствени работници за вршење дополнителна дејност.
Од обезбедените материјални докази од сите релевантни институции кои поседуваат документација, како и од медицинските вештачења од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Обвинителството утврдило дека во овој предмет докази за кривична одговорност има само за анестезилогот. Обвинителството во јануари 2020 година до Министерството за здравство поднесе Иницијатива за покренување на прекршочна постапка против две правни лица, „Санте плус“ и ординацијата каде на родилката и ја воделе бременоста. Освен нив, поведена е постапка и против одговорните лица во тие две правни лица, како и против двајца гинеколозите од кои учествувале во операцијата.
-Иницијативата за прекршочна одговорност за двете правни лица е поведена заради констатирани прекршоци од член 306 став 3 во врска со став 1 алинеја 4, како и член 305 став 1 алинеја 1 од Законот за здравствена заштита. За одговорните лица во правните лица се утврдени прекршоци согласно член 306 став 2 во врска со став 1 алинеја 4 и член 305 став 2 во врска со став 1 алинеја 1 од Законот за здравствена заштита. Двајцата здравствени работници, пак, сториле прекршок согласно член 305 став 3 во врска со став 1 алинеја 1 од Законот за здравствена заштита, соопштуваат од Обвинителството.