По спроведената истражна постапка во предметот под кодно име „Премин“, надлежниот јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, денеска до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против 14 лица и Обвинителен предлог против две лица.
Според наводите содржани во диспозитивот на обвинителниот акт 13 царински службеници од кои едниот е во пензија и полициски службеник се обвинети дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело „Примање поткуп“ предвидено и казниво по член 357 од КЗ.
Деветмина од обвинетите сториле и продолжено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 КЗ“.
Едно лице освен за погоре наведените две дела е обвинето и за кривично дело „Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ од чл.396 ст.5 вв со ст.3 вв со ст.1 од КЗ.
Двајцата царински службеници против кои е поднесен обвинителниот предлог се обвинети дека како соизвршители сториле едно кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл.353 од КЗ.
За сите обвинети за кривичното дело „Примање поткуп“ Обвинителството смета дека се исполнети условите од чл.38-б од КЗ и му предлага на судот да им изрече и казна -Забрана за вршење на професија, дејност или должност со што на лицата ќе им биде забрането вршење на должност на службено лице во орган на државната управа односно министерство, друг орган на државна управа како самостоен орган на државна управа или органи во состав на министерствата или управна организација како и во други државни органи.
Предметниот обвинител до судот достави и предлог за одземање на имотната корист прибавена со кривичното дело, а пронајдена при извршените претреси и тоа: 51.885 евра, 663.210 денари, 4.860 швајцарски франци, 530 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Воедно, заради непречено водење на постапката заедно со обвинителниот акт е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор против шест лица заради неизменети околности врз основа на кои мерката е претходно определена.
Истражната постапка е отворена во октомври минатата година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.
Не правејќи пресметка и наплата на увозните давачки, согласно Законот за царинската управа, Уредбата за спроведување на царинскиот закон и Законот за царинската тарифа и увезената стока ја пуштале во слободен промет, со намера за себе и превозниците да прибават имотна корист, а на штета на средствата на Буџетот на РСМ во висина од ненаплатените царински увозни давачки.
Притоа примениот поткуп го делеле меѓу себе.
За две лица постапката е запрена.