По безмалку две години од скандалот со поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение проитв Димова и уште две други лица кои се сомничат дека проневериле 320 илјади евра европски пари, потврдуваат извори од Обвинителството за Фокус.
Димова беше разрешена и против нејзе беше отворена истрага откако беше обелоденето дека во изминатите три години Националната агенција доделила грантови од програмата „Еразмус 2“ во износ од 270 илјади евра на фризерница. Сопственикот истовремено бил и надворешен експерт во Националната агенција, а беше објавено и дека во благајната на Агенцијата недостасуваат 15 илјади евра.
Според обвинението, Димова непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др.
-Воедно, не практикувајќи ги Анексот II од Водичот на Европската комисија и Планот за јавни набавки на Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност за 2018 година во пет наврати постапила спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на парични средства сопственост на Буџетот на РСМ или средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име, не објавила оглас за јавни набавки, не ги почитувала општите правила и не спровела постапки за јавни набавки од делокругот на тековното работење на Агенцијата, туку склучувајќи договори со четири правни лица им овозможила на истите да се стекнат со имотна корист.
Во исто време, првообвинетата постапила спротивно и на Уредбата за изменување на Уредбата за издатоци за службени патувања и селидби во странство и спротивно на одредбите од подзаконските акти со кои е прецизирано работењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилности, велат од Обвинителството.
Освен Димова осомничени за проневерата се и две други лица, едниот надворешен соработник на кој му бил доверен факсимилот на Димова и благајничката во Агенцијата. Сопственикот на „Фризерницата“ најверојатно нема да се гони.
Ф.Ф.С.