Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица на возраст од 31 година, жители на скопски села, кои како соизвршители сториле кривичното дело насилство, информираат од Обвинтителството. Станува збор за случајот кога две лица беа снимени како вербално напаѓаат и се закануваат на сопатници, кои им предочиле соодветно да ја носат заштитната маска.
„Обвинетите на 5 ноември 2020 година, околу 17:30 часот, во автобус на ЈСП Скопје кој сообраќал на линијата бр. 7 во Скопје, грубо ги навредиле и ја загрозиле сигурноста на оштетениот возач и на патниците во автобусот. Обвинетите влегле во автобусот кај автобуската станица Рекорд без да носат заштитни маски, на што реагирале патниците предупредувајќи ги да носат заштита опрема. Тогаш обвинетите започнале грубо да ги навредуваат патниците и да ја загрозуваат нивната сигурност, велејќи им дека ќе ги убијат и ќе ги стават во киселина. Потоа му се обратиле и на возачот на автобусот со барање да запре и да ја отвори вратата за да излезат пред да стаса на следната автобуска постојка. Возачот не ја отворил вратата, по што обвинетите продолжиле со грубо навредување и загрозување на неговата сигурност, му се обраќале со висок тон и удирале по внатрешноста на возилото“, велат од обвинителството.
На тој начин, истакнуваат од таму, обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај оштетениот возач и патниците на автобусот.