ОБСЕ: Драматично зголемување на прекршувањата на примирјето во Украина

by Fokus

Набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) денеска соопштија дека забележале „драматично зголемување“ на прекршувањата на примирјето во источна Украина, каде што проруските сепаратисти и украинските сили се во конфликт од 2014 година.

Забележан е огромен пораст на вооружените дејствија долж линијата на фронтот, се вели во соопштението на ОБСЕ, додавајќи дека сега има исто толку инциденти како и пред договорот потпишан во јули 2020 година за зајакнување на примирјето.

ОБСЕ во четвртокот забележал 222 прекршувања на прекинот на огнот на линијата на фронтот во регионот на Доњецк, кој е под контрола на проруските сепаратисти, вклучително и 135 „експлозии“, во споредба со 189 во средата и 24 во вторникот.

Во регионот Луганск, уште еден град во источна Украина што е под контрола на проруските сепаратисти, организацијата констатирала 648 прекршувања на примирјето во четвртокот, од кои 519 биле „експлозии“, во споредба со 402 во средата и 129 во вторникот.

ОБСЕ ги повика инволвираните страни строго да се придржуваат до своите заложби, да ги преземат сите неопходни мерки за смирување на тензиите и веднаш да работат на деескалација во корист на недолжните цивили од двете страни на линијата на фронтот кои продолжуваат да страдаат поради конфликтот, се наведува во соопштението.

ОБСЕ, организација чии членови се Русија и САД, распореди набљудувачка мисија во Украина во 2014 година, по руската анексија на Крим и почетокот на конфликтот меѓу силите во Киев и проруските сепаратисти во источна Украина.

Поврзани новости