ОБСЕ/ОДИХР: Канал 5 била наклонета кон СДСМ, Алфа известувала позитивно за ВМРО-ДПМНЕ, а негативно за СДСМ, а Алсат ги критикувале ДУИ

by fokus

Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР во однос на набљудувањето на националните радиодифузери за време на изборниот процес констатирале дека бројните дебати и ток-шоу емисии кои главно биле користени од учесниците како платформи за взаемни лични критики. Оттаму регистрирале и непропорцијално известување за партиите.

„Во ударните термини информативните емисии се фокусираа на коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Двата национални приватни радиодифузери, Сител и Телма, им обезбедија еднакво пропорционална, политички релевантна покриеност од 31 и 21 отсто, главно со неутрален тон. Во првите две недели од кампањата, Канал 5 обезбеди еднаква покриеност за двајца главни учесници, меѓутоа во последната недела од кампањата, известувањето за кампањата на коалицијата предводена од СДСМ се зголеми во споредба со известувањето за ВМРО-ДПМНЕ. Спротивно на тоа, ТВ Алфа остро ја критикуваше владата и владејачката СДСМ со отстапување на главно негативно и неутрално известување од 28 и 40 отсто, додека ВМРО-ДПМНЕ доби 19 отсто покриеност, главно со неутрален и позитивен тон. Сличен тренд беше забележан и во Алсат, кој обезбеди околу 32 отсто со претежно негативна покриеност за ДУИ,“ се вели во Изјавата за прелиминарните наоди и заклучоци на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

Од ОБСЕ/ОДИХР констатираат дека платеното-политичко рекламирање е целосно субвенционирано од државата.

„Законската рамка за алокација на средствата за платено време и дистрибуција на максималниот лимит за рекламирањето, беше изменета со уредба на владата донесена на 22 јуни, последниот ден од вонредната состојба. Одредбите ги фаворизираат коалицијата предводена од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои имаа право да користат исклучиво за платено политичко рекламирање по околу 800.000 евра, додека другите дванаесет учесници имаа право да користат само по 30.000 евра. Учесниците не можеа да ги користат партиските средства за платено политичко рекламирање, со што се блокираше можноста да се купуваат дополнителни реклами од дванаесетте изборни листи чиишто заеднички дел од субвенциите беше значително помал од оние што им беа доделени поединечно на трите најголеми партии. Во текот на кампањата, АВМУ двапати формално ги потсети радиодифузерите за забраната за прикажување деца во промотивни материјали на учесниците, по идентификување на рекламите коишто ја повредиле одредбата,“ се констатира во извештајот.

Поврзани новости