ОБСЕ ги поддржува напорите за демократски развој и напредок на Македонија

by fokus

ОБСЕ ги подржува напорите на Македонија за демократски развој и напредокот на домашен и меѓународен план. Ова на премиерот Зоран Заев му го пренел директорот на одделот на словачкото МНР, Роберт Кирнаг, одговорен за подготовка со претседателството со ОБСЕ во 2019 година.

На средбата во Скопје, како што информира владината прес-служба, се разговарало за приоритетите што се важни за развојот на Македонија во делот на зајакнување на институционалните капацитети, владеење на правото, изборното законодавство, како и за развивање на државата во едно општество за сите.

Премиерот Заев посочил дека очекува датум за почеток на преговорите со ЕУ и изразил уверување дека со политичка волја од двете страни е можно решение за спорот со името.

– Сега сме во фаза кога сме посветени на подготовки за имплементација на усвоените реформи, како и на затворање на прашањата што стојат на патот на евро-атлантските стратешки цели на државата. Веруваме дека со политичка волја од двете страни е можно решение за спорот со нашиот јужен сосед. Очекуваме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Во овие околности, од големо значење ни е искуството на Вишеградската група што упатува на фокусирање кон заедничка иднина на регионот. А од посебно значење ќе ни биде експертска помош од ОБСЕ, посебно за поглавјата 23 и 24, што очекуваме први да се отворат, доколку на овој начин се движат работите во делот на евроинтеграциите, рекол Заев.

Двајцата соговорници разговарале и за важноста од заедничкото справување со предизвиците на радикалниот екстремизам и одржувањето на мирот и стабилноста во светот.

Поврзани новости