Опрема во висина од околу 44.000 евра ОБСЕ донираше за Министерството за внатрешни работи, поточно во Центарот за обука.
-Денешнава донација за потребите на организационите единици при МВР, не е прва, а верувам – ни последна, во нашето партнерско портфолио. Всушност ние заедно направивме и правиме многу значајни чекори во стандардизирањето, професионалната надградба и развој на полициската служба. Дозволете ми во оваа прилика од навистина многуте партнерски проекти да го апострофирам концептот што ние како актуелно раководство го сметаме и секојдневно промовираме како базичен во полициското работење, а тоа е концептот на полиција во служба на граѓаните, како нивен сервис, што целосно, безрезервно, ќе биде насочен во остварување и заштита на сите граѓански права во доменот на полициските обврски и надлежности. Наша визија е да воспоставиме систем што целосно ќе биде втемелен врз легалистичките принципи на работа и постапување, градење на вредности што ќе ја реафирмираат улогата и местото на полицијата во системот, во општеството, во локалните средини, меѓу граѓаните. За таа цел, убеден сум дека еден од клучните партнери, меѓу другите е токму и мисијата на ОБСЕ, со сето свое искуство и професионален бекграунд, особено во поглед на полициското работење, на полициските процедури и стандарди на постапување“, рече министерот Оливер Спасовски.
Амбасадорката Нина Сумалаинен рече дека долги години Мисијата на ОБСЕ го поддржува МВР во зајакнување на институционалните капацитети.
-Ние како мисија презедовме и неколку иницијативи за приближување на полицијата кон граѓаните. Во тој поглед би ги споменала канцелариите за прием. Тоа е првото нешто што граѓаните го гледаат при влез во полициската станица. Мисијата на ОБСЕ го поддржа опремувањето на четири канцеларии во полициските станици во Охрид, Тетово, Бит Пазар и Куманово- рече амбасадорката Сумалаинен, која изрази благодарност до раководството на МВР за одличната соработка.