ОБСЕ бара мерки за некролозите за амбасадорите по говорот на Груевски

by Fokus

Постизборниот период беше обележан со тензии и остра реторика особено од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Уште не е познато дали се преземени законски мерки за заканите кон амбасадорите, по прогласот на ВМРО-ДПМНЕ што го прочита лидерот Никола Груевски на протестот пред Државната изборна комисија на 17 декември, се наведува во конечниот извештај на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, што денеска го објавија за предвремените парламентарни избори, одржани на 11 декември, објави Мета.

– Откако БЕСА и СДСМ доставија приговори за нерегуларности на неколку избирачки места, ВМРО-ДПМНЕ повика на протести пред седиштето на Државната изборна комисија (ДИК). На 17 декември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред насобраните луѓе го претстави партискиот проглас и ја обвини ДИК и неколку амбасадори за мешање во изборите. Следниот ден, се појавија некролози на сегашни и поранешни претставници на меѓународната дипломатска заедница во Скопје. Не сме запознаени дали биле преземени какви било законски мерки против овие дејства – се наведува во извештајот.

Во извештајот се наведени забелешки за работата на ДИК и нејзината внатрешна организација, проблемите со гласачките списоци, пробивањето на законските рокови.

Од мисијата препорачуваат дека потребно е повторно да се разгледа Изборниот законик, да се зголеми транспарентноста и ефикасноста на ДИК, да се врши редовна контрола на избирачките списоци, брзо да се интервенира во случаите кога лицата не се наоѓаат на избирачкиот список и да се работи на подобрување на независноста на медиумите.

– Иако партиите генерално, имаа можност за слободно претставување на кампањите, се препорачува властите и политичките партии да преземат конкретни чекори за да не се врши притисок врз вработените од јавната администрација, политичките активисти и другите кои ги посетуваат таквите настани или пак на самото гласање. Наводите за притисок треба темелно да бидат истражени“, порачува ОБСЕ/ОДИХР.

 

Поврзани новости