Образованието и примитивизмот

by fokus

Пишува: Владимир Лазаревик

Фер е да се погледнеме во огледало и да си признаеме дека сме примитивен народ. Веројатно еден од попримитивните во нашиот регион. И кога ќе го напишам тоа не гледам на тоа како секој поединечно од нас се доживува себе си или луѓето во своето најблиско опкружување, повеќе мислам на одразот кој како жители на оваа земја го оставаме насекаде околку нас.

Повеќе од 40 години живеам во Скопје и секоја година за жал се повеќе се убедувам дека не само што не е подобро, туку секогаш оди на полошо. Од каде да почнам. Дали додека се возиш со кола и на некој семафор некој од автомобилот пред тебе ќе го истресе пепелникот додека чека да се запали зелено. Дали додека се возиш на автопат пак некој пред тебе ќе фрли серија лименки од кола. Дали додека се шеташ на Водно или во Градски парк ќе видиш гомила насобрано ѓубре речиси на секое ќоше. Дали додека возиш кајак рано утро по Охридското езеро ќе налеташ на безброј пластични шишиња и кеси. Да не го спомнам Вардар кој толку тажно личи речиси на секоја негова кривина прекриен со гомили пластични шишиња и по некој шпорет.

Си помнам пред дваесетина години кога почнаа да ни доаѓаат пријатели од западните земји секогаш ни викаа, абе многу ви е убава земјата, ама многу нечисто, многу ѓубре насекаде. Јас кога бев помлад тоа ѓубре не го ни приметував. Така некако како да беше сраснато со делот на моето детство. Нормално беше. Кога почнав повеќе да патувам низ светот почнав да го гледам тоа што и странците го гледаа во Македонија. Таа нечистотија, таа некултура, тој срам што не опкружува насекаде околу нас, а е составен дел од нашиот генетски антички, словенски или незнам веќе каков код. Силно ја негуваме таа нишка на нечистотија и некултура, и макотрпно се бориме да ја одржиме да опстане во наследство за наредните генерации.

Паралелно со оваа силна генетска нишка, супериорно опстојува и „што ти треба дечко„ не-културата„. Имено, неретко, ако не секогаш кога ќе влезам во некоја продавница продавачите ми се обраќаат со што ти треба. „Вие„ како збор, како однос, речиси да не постои. Ако некој ви се обрати со вие, просто останувате збунети дека нешто не е ок. Ако патувате во нашиот регион, дали во Србија или во Бугарија, не постои никаква можност некој да ви се обрати со ти. Секогаш сте вие.
Нејсе, овој примитивизам, оваа некултура, оваа нечистотија која упорно ја негуваме е составен дел или последица на нашиот систем на образование. Некој ќе рече и домашано воспитание, но воспитанието е образование.

Оваа година светот како и ние ќе ја помниме по катастрофалната корона пандемија која остава невидени последици во сите сфери на општествата. Но се чини дека најголемите последици ќе бидат во делот на образованието, по нашите деца. Се покажува дека за нас како држава образованието на нашите деца е тотален неприоритет. Во мај месец напишав текст дека е морално да се отворат училиштата и да се продолжи учебната година со цел да се спречи евентуалниот повторен прекин на наставата во есен. Да, образованието во училишни клупи носи свои ризици, но ризикот од необразование е неспоредлив со ништо.

Нашиве не само што не помислија да ги отворат училиштата во мај, или пак да ја продолжат наставата во јули, тие го одложија стартот на учебната година.

Додека цел свет е целосно оптоварен со последиците на прекинот на образованието, додека сите макторпно работеа да се воведат безброј мерки како да се продолжи наставата по секоја цена, нашиве избори си тераа. Ги истераа, дојде летото наместо да се спремаат како да ја почнат учебната година, влада ќе преговарале. Испреговара што испреговараа, нови комисии направија и пак не блокираа. Ги блокираа и тие кои можеа и требаа да почнат, приватните училишта. Не смее нашиот генетски код ништо да го ремети. Мора да се одржи таа тага, прекриена со превез на заштита на јавното здравје.

Со колкава само радост децата го очекуваа стартот на учебната година. Како само можеа да им ја скратат таа радост? Многу држави целосно спремно го дочекуваат почетокот на новата учебна година. Утре учениците во Дубаи ќе одат на училиште. Од понеделник ќе одат и учениците во Србија. Нашите ќе одморат дома, до потака. Срамно и многу тажно.

Поврзани новости