Ако во минатото беше практика да се тетовираат имињата на саканите, или пак некој симбол со големо животно значење за лицето кое решило да го „украси“ своето тело, последните модни крикови во областа на тетоважите кај нас носат нешто многу поразлично. Наместо традиционалните ружи, имиња на саканите, крстови или животни како симбол на сила и моќ, се почести се оние кои се одлучуваат да истетовираат лик или име на некој наш политичар.
По тетоважите со ликот на Груевски кој ги направи неготинецот Мирче Ризов и со тетоважата со ликот на Сашо Мијалков која ја направи штипјанецот Ангеле Зафиров, познат како Бате Геле, сега се појави и тетоважа со ликот на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев. Имено, обожавател на градоначалникот го истетовирал неговиот лик, а под него е напишано – Мито е Тито.
Интересната тетоважа се наоѓа на десната нога, под коленото на храбриот обожавател, а била изработена во студиото за тетоважи „Булфрог Тату” во Кавадарци. Со цел да дознаеме повеќе за лицето кое ја направило тетоважата, се обидовме да стапиме во телефонски контакт со студиото, но од таму не одговорија на нашите повици.
Јанчев вели дека се изненадил кога на социјалните мрежи ја видел тетоважата со својот лик. Тој за „Фокус“ раскажува дека не го познава лицето кое се истетовирало, но потенцира дека неговиот став е да не се создаваат култни ликови од политичарите, бидејќи тие се на својата функција со цел да работата за доброто на народот и не гледа причина поради тоа да бидат нечии идоли.
-Политичарите доаѓаат и си одат од сцената, но тетоважите остануваат. Нема потреба од наше величање, посебно не на ваков начин, бидејќи сите ние сме овде да работиме за јавниот интерес. Не го познавам човекот кој ми го истетовирал ликот, изненаден сум, но би порачал дека нема потреба од вакви нешта. Моја должност е да ги исполнам ветувањата дадени на мојот народ, а тоа не би требало да биде причина, дали во знак на благодарност или пак како задоволство од досега оствареното, да се изразува почит на ваков начин – ни изјави Јанчев.
Вики Клинчарова