Денеска времето во земјава ќе биде претежно облачно, со сончеви периоди во источните делови. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, почнувајќи од запад ќе има врнежи во дожд, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен и југоисточен правец.
Максималната температура ќе се движи во интервал од 15 до 21 Целзиусов степен.
Во Скопје се очекува слично време, претежно облачно, а во текот на ноќта кон среда ќе има повремен дожд. Ќе дува умерен ветр од јужен правец. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 19 Целзиусови степени.
Во среда и четврток, од УХМР најавуваат променливо облачно и нестабилно време, со повремен пороен дожд, кој наместа ќе биде поинтензивен и проследен со грмежи и засилен ветер. Синоптичарите за следните два дена најавуваат и намалување на дневните температури. Од петок се очекува посончево и потопло време, со услови за локален краткотраен дожд во попладневните часови.